Хемороидални јазли

0

Хемороидите претставуваат варикозно проширување на plexus haemorrhoidales submucosa (внатрешни хемороиди) или plexus haemorrhoidales externus (надворешни). Хемороидалните јазли претставуваат комплeкс на артериовенски анастомози. Поделбата е извршена спрема аналниот отвор. Надворешните се покриени со кожа, додека внатрешните со слузокожа.

Хемороидите најчесто се јавуваат при следниве состојби:

  • Кај карцином на ректум, преку компресија или тромбоза на горната ректална вена;
  • За време на бременост, со компресија на големите ректални вени поради зголемувањето на матката;
  • Кај портална хипертензија (цироза);
  • При напнување за време на мокрење, при стриктура на уретра;
  • При неправилна исхрана, сиромашна со растителни влакна и намален внес на течности што доведува до опстипација.
  • При долготрајно седење и намалена физичка активност;
  • Кај анални ифекции, придружени со дијареа.

Хемороидите се многу честа појава кај двата пола. Половина од популацијата на возраст од 50 години имаат хемороиди. Но, за жал, бројката и кај младата популација се повеќе се зголемува поради новиот стил на живеење и користење на брзата храна и жестоките алкохолни пијалоци.

Етиологија

Наследна – Честа појава кај членови од иста фамилија, поради вродена конституциална слабост на венските плексуси. Познато е дека варикозните вени на нозете одат во сооднос со хемороидите.

Анатомска – Собирните садови на ректалните вени лежат без поткрепа на мошне лабаво субмукозно сврзно ткиво на ректумот и за време на дефекација набрекнуваат.

 

Клиничка слика

Обично се работи за долгогодишна историја на симптоми. Пациентите започнуваат да се жалат на тежина и напнатост во пределот на анусот, придружена со печење. Еден од многубројните симтоми е и јадежот кој се јавува поради влажноста околу анусот. Крварењето, што го содржи и самото име хемороид, е главен и ран симптом. Обично при дефекација доаѓа на крајот до крварење. Крвта е светло црвена и ги обвива фекалиите, но не се измешува со нив.

Хемороидите кои крварат, но не пролабираат надвор од аналниот систем, се класифицирани како хемороиди од прв степен. Кај вториот степен доаѓа до пролабирање, но и спонтано враќање. Со текот на времето хемороидите спонтано не се враќаат – тоа е веќе третиот степен. Кај четвртиот степен пролапсот е постојан, без разлика дали има дефекација или не, а пациентот е изнемоштен и чест придружник е мукоидниот исцедок.

Најчести компликации се: профузно крварење, странгулација, тромбоза, улцерација, фиброза и супурација.

Дијагностика

Инспекција. Само четвртиот степен на пролабирани јазли се забележува, додека третиот степен – само при напнување. Надворешните јазли се во вид на цреши, сместени окoлу аналниот отвор, најчесто се црвени, тврди и болни.

Другиот начин на преглед е ректално туше, т.е. палпација на јазлите во внатрешноста на анлниот отвор.

Подобра видливост во внатрешноста се постигнува со проктоскопија. Проктоскопот се воведува и ако се присутни хемороидите, тие се испупчуваат во луменот на типичните места: 3,7 и 11 часот.

Лекување на хемороидалните јазли

  • Неоперативно лекување – Едукација за правилна исхрана и хигиена. За хемороидите од прв и втор степен: чепчиња, мелеми и масти.
  • Инјекциона терапија – Склерозантни средства, кои се иницираат околу интерните хемороиди.
  • Криохирургија се употребува со скоро пронајдени криосонди, активирани со јаглерод диоксид или течен азот. Со оваа процедура буквално се замрзнуваат хемороидите.
  • Ласерска коагулација на хемороидите.
  • Хемороидектомија – Главни индикации се пролапс, болка, крварење и големи хемороиди.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Катерина Дамевска е родена на 13.08.1984 во Скопје. Средно образование завршува во ДСМУ д-р Панче Караѓозов, отсек медицинска сестра. Во 2011 година дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје и се здобива со звање доктор по општа медицина. Има учествувано на повеќе стручни семинари и предавања и активно ги следи новостите од областа на медицината. Одлично ги познава англискиот и албанскиот јазик, а има и познавања од францускиот и шпанскиот јазик. Нејзиното мото е: "Животот е огледало ако му се насмевнеш ќе ти се насмее, а ако му се намуртиш ќе ти се намурти. Затоа смејте се и не заборавајте дека смеењето е половина здравје." Oгрoмна чест и задоволство ми преставува да бидам дел од тимот на Доктори мк. Ова е одличен сајт кој овозможува добра едукација на пациентите во различни области на медицината. Информациите се прикажани на еден едноставен, забавен и сликовит начин близок за разбирање на сите категории на пациенти. Пред се големо браво за професионалниот техничко-уреднички тим полн со ентузијазам и совршени идеи, и кој не обедини на еден интересен начин.