Синдром на Кушинг

0

Синдромот на Кушинг претставува збир на симптоми и физикални знаци кои се должат на зголемена продукција на глукокортикоидни хормони од надбубрежната жлезда. За прв пат овој симптом е опишан во 1925 г., како нарушување во диенцефало-хипофизната функција. Вo 1932 гoд. Харви Кушинг соопштува за своите набљудувања и ја поврзува болеста со базофилен аденом на аденохипофизата. Болеста на Кушинг (Mb.Cushing) се нарекува уште и централен синдром на Кушинг при коj повишената глукокортикоидна секреција настапува секундарно, последица на двострана надбубрежна хиперплазија, зависна од зголемена секреција на ACTH (адренокортикотропен хормон) од хипофизата. Тоа е ретко заболување каде почесто боледуват жени на возраст од 20-40 год.

Етиологија

Има податоци дека синдромот се појавува почесто после трауми или инфекции на мозокот, или кај жените после породување. Синдромот се јавува после нарушавањето на взаемното дејство на хипоталамусот, хипофизата и надбубрежната жлезда. Нарушена е „обратната врска“ кај тие органи. Во хипоталамусот се создаваат нервни импулси, кои провоцираат клетките да одделуваат повеќе супстанции, кои го активираат секретирањето на адренокортикотропен хормон во хипофизата. Како резултат на тоа – хипофизата одделува повеќе количество на адренокортикотропен хормон (ACTH), кој влијае на секретирање на повеќе кортикостероиди кои ги нарушуваат метаболните процеси во организмот.

При синдромот на Кушинг се набљудуваат тумори, како аденом на хипофизата (која е со зголемени димензии) и нараснување на надбубрежните жлезди.

Класификација, етиологија и патогенеза

І. Ендоген синдром на Кушинг

1. ACTH (адренокортикотропен хормон) зависни форми со секундарна надбубрежна хиперплазија:

  • Болест на Кушинг (централен Кушинг) – Тоа е најчестата ендогена форма. Се среќава обично кај жени на средна возраст. Во 80% од случаите се должи на микроаденоми на предниот дел на хипофизата (под 10 мм). Макроаденомите и малигните тумори се многу поретки. Се претпоставува дека при болеста на Кушинг има нарушен механизам негативната повратна врска. Повишениот плазмен кортизол не може да ја потисне секрецијата на ACTH и надбубрежната жлеза продолжува засилено да секретира – има високи нивоа на ACTH и кортизол во крвта. Механизмот на повратната врска не е нарушен квалитативно, туку само квантитативно, т.е. променен е прагот, што се докажува од недостиг на потиснување со 2 mg Dexamethason, но при запазено потиснување со високи дози.
  • Ектопична секреција на ACTH или на кортикотропин-релизинг хормон (CRH) – Најчесто ектопична секреција на ACTH се набљудува при ситноклеточен белодробен карцином. При секреција од туморните клетки на ACTH директно се стимулира надбубрегот и се намалува секрецијата на ACTH од хипофизата. При ектопична секреција на CRH се стимулира хипофизата и таа посилно секретира ACTH, па настапува хиперплазија на хипофизата.
  • Примарна аденоматозна хиперплазија на надбубрежната кора– Се должи на повишена чувствителност на zonа fasciculatа на жлезата кон нормално секретираниот ACTH.

2. ACTH независен хиперкортицизам

  • Туморна форма на Кушинг (кортикостером). Се должи на тумор на zonа fasciculatа. Туморните клетки продуцират кортизол, кој јa потиснува секрецијата на ACTH и CRH, поради што нивото во крвта е ниско, а тоа на кортизолот е високо.

ІІ. Егзоген синдром на Кушинг

1. Медикаментозна форма

  • Се јавува при лекување со глукокортикоиди во високи дози. Хипоталамусот и хипофизата се силно потиснати (нивото на ACTH во крвта е ниско), а надбубрезите се во состојба на инактивитет.

2. Синдром на Кушинг – индуциран од употреба на алкохол

  • Процесот е обратен после прекратуване на алкохолната консумација.

Клиничка слика

Синдромот започнува бавно со симптоми на замор, малаксаност, главоболка и мускулна слабост.

Обезитас – Се среќава кај 80-90% од болните. Масните наслаги се натрупуваат по рамењата, стомакот, лицето, градите и грбот. Екстремитетите остануваат слаби, ослабува мускулатурата.

 

Кожни промени – Розово-црвени до виолетови стрии по стомакот, бедрата и градите. Кожата е сува, атрофична, со прозирна капиларната мрежа. Забавено е зарастувањето на раните, често настапуват кожни инфекции (фурункулоза, микози). Кај жените се забележува поизразена влакнетост, а кај мажите се намалува.

Промени во мускулниот систем – Изразена мускулна слабост се среќава во околу 60-80% од случаите. Се должи на катаболниот ефект на кортизолот врз белковините и на хипокалиемијата.

Промени во кардиоваскуларниот систем – Во поголем број на случаи – артериска хипертензија.

Промени во коските – Остеопороза се среќава во 70% од случаите (подоцна појава). Се изразува во коскени болки, фрактури, патолошки скршеници на ‘рбетниот столб, деформации – прешлените се сплескуват, придобиваат биконкавна форма. Последично – растот на болниот се намалува.

Психички промени – Настапуваат подоцна и се изразуваат главно со депресија. Може да има раздразливот, емоционална лабилност, несоница и др.

Хормонални промени – Почести се кај жените (менструални нарушувања, инфертилитет), отколку кај мажите (намалено либидо и потентност, нарушувања во сперматогенезата).

Нарушувања во метаболизмот на јагленохидратите – Дијабет (стероиден дијабет).

Хематолошки промени – Се набљудува: зголемување на еритроцитите, леукоцитите и тромбоцитите, намалување на еозинофилите и лимфоцитите.

Други појави – Стероидни јазли, холелитијаза, стеатоза на црниот дроб, нефролитијаза.

Дијагностика

1. Лабораторски иследувања – Покачен хемоглобин, еритроцитоза, леукоцитоза, лимфопенија, еозинопенија, тромбоцитоза, хипергликемија, нарушен гликозен толеранс.

2. Хормонални иследувања – Вo крвта е зголемен кортизолoт. ACTH е зголемен при формите со ектопична секреција на ACTH и при болеста на Кушинг. При туморната и при медикаментозната форма нивото на ACTH е ниско. Во урината сe зголемени 17-ОН-КС и во помал степен 17-КС (многу висок е при надбубрежен карцином). Најсигурен критерум за дијагнозата е повишената екскреција на слободен кортизол во урината.

3. Имиџинг испитувања:

  • Компјутерска томографија на надбубрежни жлезди и на турското седло;
  • Надбубрежна сцинтиграфија со 131J – дава информација за морфолошката и функционалната состојба на надбубрежните жлези;
  • Рентгенографија – се востановува остеопороза, фрактури, прешленови деформации, промени во sela turcica.
  • Ултрасонографското иследување има помала точност, може да открие поголеми туморски формации во надбубрегот.

4. Специјални иследувања – Се прават функционални тестови: брз тест за потиснување со Dexamethason (1 mg), супресиони тестови со 2 mg Dexamethason и со 8 mg Dexamethason.

Покачени нивоа на серумскиот кортизол се докажуваат и при внес на контрацептиви.

Лекување

Кај надбубрежен тумор се спроведува оперативно лекување – отстранување на надбубрежната жлеза (адреналектомија). Во постоперативниот период се применува хормонално лекување. При ектопичните форми се отстранува примарниот тумор.

При болеста на Кушинг се спроведува:

1. Зрачна терапија – при лесни и средно-тешки форми.

2. Хирушко лекување – при микроаденом на хипофизата се извршува трансфеноидална аденомектомија. Големите тумори се острануваат по транскранијален пристап.

3. Медикаментозно лекување – Може да се приложат серотонински антагонисти (Peritol, Metergolin), допаминергични агонисти (Bromocriptin, Parlodel, Lisurid), резерпин, фенитоин, депакин.

При тешки форми на заболувањето и при неуспешност на горните методи се извршува отстранување на едната надбубрежна жлеза (еднострана адреналектомија) или двострана субтотална, еднострана тотална и контралатерална субтотална адреналектомија.

При невозможност за оперативно лекување се користат медикаменти за потиснување на синтезата на гликокортикоиди од надбубрежната жлезда. Такви медикаменти се: Chloditan, Mititan, Orimeten и др.

Симптоматско лекување – Се спроведува лекување на артериската хипертензија, дијабетот и остеопорозата.

Прогноза

Зависи од формата на болеста, своевремената дијагноза и спроведеното лекување. Често прогнозата се влошува поради настанување на високостепена хипертензија, срцева слабост, инсулт, инфективни компликации итн. Кај надбубрежниот карциноми и кај малигните ектопични форми прогнозата е лоша.

Д-р Катерина Петроска е родена во 1982 г. во Охрид. Основно и средно образование завршува во родниот град, по што се запишува на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Проф. д-р Параскев Стојанов“ во Варна, Р Бугарија. Во 2008 г. ги завршува додипломските студии и се здобива со називот доктор по општа медицина. професионално искуство: Од 05.2008 работи како волонтер, а од 06.2011 е во редовен работен однос во Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања од Охрид. Поле од потесен интерес - интерна медицина, кардиологија. Најискрени честитки за тимот на Доктори.мк за создавањето на овој прекрасен портал. Ова е современ здравствен медиум, кој изобилува со корисни информации за секој од нас - и за широката популација, но и за здравствените професионалци. Чест ми е да бидам дел од него.